Со концертот на поп-пејачот Мики Секуловски, вечерва (11 јули) од 21 часот во Амфитеатарот на Младинскиот парк ќе започне Велешкото лето. Манифестацијата која ја организира Општина Велес, ќе трае 52 дена ќе понуди 35 настани на различни локации од градот. Сите настани ќе бидат бесплатни.
„И годинава ќе имаме многу настани, кои ќе се одвиваат на различни локации. Ќе се обидеме да задоволиме сечиј вкус и повеќе генерации. Има две детски претстави, кино на отворено, концерти на велешки музичари и музичари од други градови. Ќе се слуша велешка чалгија, настап ќе имаат Составот на пензионери, лицата со попреченост, програма за мото љубителите, стрип уметноста“, кажа Александра Иванова од локалната власт, одговорна за Велешко лето. Настаните ќе се одржуваат во Градскиот парк, на платото пред Спомен Костурница, Младински парк, паркот кај Ликовен салон.
„Имаше ограмен интерес за учество на Велешко лето. Се заблагодарувам за интересот, уште пристигнуваат пријави, но програмата е затворена“, рече Иванова.
П. ПЕЧКОВ