МОЖЕВ ДА РАБОТАМ ВО БЕЛГРАД, СКОПЈЕ, НО ОСТАНАВ ВО ВЕЛЕС, КАЖА МИКИ СЕКУЛОВСКИ НА КОНЦЕРТОТ ВО РОДНИОТ ГРАД

Велес, (СМАРТ.СДК.МК)

Иако можев да заминам и работам во Белград, Скопје или било каде ќе посакав, останав во Велес, кажа Мики Секуловски, на неговиот концерт кој се одржа сношти (11 јули) во преполниот Амфитетар од Младинскиот парк во Велес. Па, во продолжение ја испеа традиционалната велешка песна „Што ми е мило и драго на Којник дуќан да имам“, во рок верзија.

Придружен од неговиот „Револушн бенд“, Секуловски пееше два часа, познати поп-рок рефрени, македонски, но и хитови од просторите на поранешна Југолсавија. Со него пееше и публиката, која не го криеше задоволството од забавата.

Тој најави дека на почетокот на октомври ќе настапи на Питијадата во Велес. Со неговиот концерт беше отворено Велешко лето, кое ќе трае 52 дена со 35 настани. Организатор на манифестацијата и концертот е локалната власт на Велес.

Од денеска (12 јули) попладне, па до полноќ во Велес, на платото пред Спомен-костурницата ќе се одржи ЛУМА фест. Организаторот најавува учество на четири македонски ди-џеи. Во 18:30 часот почнува со Бранчез, од 19:45 часотсе Авенсис, 21 часот е резервиран за Семпре, додека забавата завршува во 23 часот со настапот на Сирилик до 1 часот по полноќ. ЛУМА фест е дел од содржините на Велешко лето.

П. ПЕЧКОВ

(Фото: СМАРТ.СДК.МК)