НЕ МОЖЕ СЀ ДА СЕ КУПИ СО ПАРИ, РЕЧЕ ЃОКО ТАНЕСКИ НА КОНЦЕРТОТ ВО ОХРИД

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Ѓоко Танески вчера (26 август) одржа концерт пред многубројна публика на охридскиот кеј, со што почна музичката програма на Охридскиот фестивал на вода.

На концертот се забавуваа и охриѓани и туристи, а Танески ги испеа своите најпознати песни и хитови од други македонски, регионални и светски поп и рок пејачи. Публиката пееше со него и по завршувањето на концертот побара бис. Пред да ја испее песната „Купив сѐ“, Танески кратко ја поздрави публиката.

„Мислиме дека со пари може сѐ да се купи, но не е секогаш така“, рече пејачот.

На бис ги испеа евергринот „Кажи ми“ на Драган Мијалковски и својот хит „Една љубов имам“.

Танески, кој е роден во Охрид, повеќе од дваесет години е активен на македонската музичка сцена и важи за еден од најдобрите машки вокали. Во 2010 ја претставуваше Македонија на Евровизија во Осло со песната „Јас ја имам силата“.

Ова беше првиот од четирите бесплатни концерти во рамките на Охридскиот фестивал на вода. Програмата продолжува вечерва од 19:30 часот со детски ден и „Златно славејче“. Утре од 21 часот ќе настапи групата „Везилка“, а на 29 август е концертот на „Нокаут“ од 21 часот.

Во рамките на фестивалот се одржуваат и повеќе активности поврзани со Охридското Езеро и спортовите на вода, меѓу кои рекреативно нуркање за деца, кајакарење, едрење, ватерполо и трка со педалинки.

М. ЏАРОВСКА