СО МАКЕДОНСКИ ПОП ХИТОВИ ПОЧНУВА КАРПОШОВО КУЛТУРНО ЛЕТО

Скопје, (СМАРТ СДК)

Од 19 до 29 август, во Општина Карпош ќе се одржува манифестацијата „Карпошово културно лето” која ќе понуди разновидна програма со учество на домашни уметници од различни области. Манифестацијата ќе биде отворена во 20 часот на платото кај Млечен ресторан, со концерт на македонски поп хитови.

Настапуваат реномирани и млади пејачи: Зорица Поп Панкова, Драган Мијалковски, (фото) Сашо Гигов- Гиш, Џон Илија Апелгрен, Тања Тас и Ана Петановска, во придружба на оркестарот на Радио „Бубамара” под водство на Дамир Имери.

Настаните ќе се одржуваат на повеќе локации: кај Млечен ресторан, во дворот на црквата „Света Троица“ во Бардовци, на тревникот кај кулите во Козле, на Летната сцена кај карпа на кејот на Вардар.

На 28 август, во дворот на црквата „Света Троица“ во Бардовци, концерт ќе одржат фолк пејачите: Наум Петрески, Ефто Пупиновски, Зуица Лазова, Ленче Кукиќ, Благоја Грујовски, Смиља Митревска и други, во придружба на оркестарот на радио „Бубамара”.

Во рамките на манифестацијата, свои самостојни концерти на платото кај Млечен ресторан ќе имаат мултиинструменталистот Александар Јовевски со својот нов албум „Од колено на колено“.

Концерт ќе има и хармоникашот Мишел Трајковски со неговиот оркестар.

На Карпошово културно лето, по одржани 40 концерти низ целиот свет, концерт на изворни песни и ора ќе одржи Ансамблот на Стевче Стојчевски, насловен „МакЕдинство“.

Најавени се две танцувачки вечери на платото кај Млечен ресторан, со настапи на клубовите „Денсерс Јунајтед“ и „Еурека“, чиј членови се светски и европски прваци во латино танци, хип-хоп и модерни танци.

Своја вечер, настапи ќе има и академско уметничко друштво АКУД „Мирче Ацев“, со настап на академскиот хор и играорната група.

Поетско-музичката вечер со наслов „Волкот на љубовта“ ги обединува поетот Тихомир Јанчовски и музичарот Бранислав Николов („Фолтин“), со гостување на Андријана Јаневска. Настанот ќе се одржи на летната сцена кај карпата на Кејот.

Во рамките на програмата, ќе биде отворена и ликовната изложба „Капка уметност“ на Елена Галика, на платото кај Млечен ресторан.

„Летното кино“ на отворено ќе го прикаже македонскиот филм „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, на тревникот кај кулите во Козле, до ООУ “Владо Тасевски”.

Настанот првично беше најавен за вечерва (18 август), но поради најавеното невреме се одложува за утре (19 август).