Концерт посветен на на младиот клавијатурист и композитор Филип Стеваноски, кој загина во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ ќе се одржи на 28 август на летната сцена на Домот на културата во Прилеп, во рамките на Прилеп џез викенд.
„Тој минатата година настапи на фестивалот со својот бенд и остави незаборавен впечаток. За него ќе свират врвни музичари, пријатели и поранешни членови од неговиот состав, обединети преку музиката што Филип ја живееше и ја носеше во себе: Панко Гелев, Јован Цветковиќ, Боро Шопов, Филип Крстевски, Ѓоле Максимовски, Дино Милосављевиќ, Гоце Стевковски, Кирил Кузманов, Трајче Велков, Ѓоле Грујовски, Маја Капсарова, Владан Дробицки, Владимир Четкар и други“, велат организаторите.
Џез составот „Некст ту сајленс“ на 24 август во 18 часот ќе одржи концерт на тумбата на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука и со овој концерт започнува настанот кој ќе трае до 30 август и е во организација на Прилепски џез фестивал.
„Првите четири дена ќе ги проследиме концертите од ‘оф програмата’ кои ќе се одржат на Археолошкиот локалитет Врбјанска Чука и во клубот ‘Калинка’, а концертите од официјалниот дел на програмата, ќе се одржат на летната сцена од НУЦК ‘Марко Цепенков“, велат организаторите. Свој диџеј сет ќе има диџеј Шурбе во клубот „Калинка“ прилепскиот бенд „Диатик“ и диџеј сет на Зговетин на истото место. Ќе настапи и тенор саксофонистот Блаж Шваган.
Ќе свири и скопскиот бенд „Локал блу“, јапонскиот џез музичар Току со „Самураи џе квартет“, во придружба на македонските музичари Оливер Јосифовски, Симеон Петров и Александар Петров.
Фестивалот ќе се затвори со концертите на дуото Кондовски/Дробицки и српскиот алтренативен рок бенд „Обојени програм“.