„Диџеј Ахмет“, дебито на режисерот Георги Унковски, на 19 август имаше регионална премиера во конкуренцијата за наградата Срцето на Сараево на 31. Сараевски филмски фестивал (15-22 август).
Во официјалната програма во Сараево е и словенечко-македонската копродкција „Фантази“ на режисерката Кукла (Катерина Рашек) чиј македонски копродуцент е Дејан Крајчевски од „Круг филм“. Во програмата за краток филм е и „Очите на Берна“, косовско-македонска копродукција, на Ермал Гердовци.
„Диџеј Ахмет“ до крајот на месецов ќе игра и на фестивалите во Херец Нови во Црна Гора и Хагеснд во Норвешка. Македонската премиера на филмот ќе биде на затворањето и 46.издание на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, кој ќе се одржи од 20 до 26 септември.
Светската премиера на „Диџеј Ахмет“ беше на 24 јануари, на фестивалот Санденс во Парк Сити, Јута, каде доби две награди: Наградата од публиката во програмата Светски филм и Специјалната награда на жирито за креативна визија. Оттогаш има добиено вкупно седум награди.
Агенцијата за продажба на права „Филмс бутик“ од Берлин ги продаде правата за диструбуција на македонскиот филм во Австралија и Нов Зеланд, Бенелукс, Канада, Шпанија, Израел, Португалија и во земјите од поранешна Југославија.
„Диџеј Ахмет“, на турски и македонски јазик, е драма со примеси на комедија за Ахмет, 15-годишно момче од забито јуручко село во Источна Македонија, кое наоѓа прибежиште во музиката и сонува да стане диџеј додека се справува со очекувањата на татко му, конзервативната заедница и неговото прво искуство со љубовта – девојка која веќе му е ветена на некој друг.

„Диџеј Ахмет“ се снимаше лани во октомври и ноември во селата Коџалија и Али Коч во Радовиш и во Скопје. Сценографи се Дејан Ѓошевски и Александра Чевреска, костимограф Роза Трајчевска, шминка и маска Душица Вуксановиќ-Дуда, снимател на тон Павел Јан, монтажер Михал Раих. Во главните улоги се Ариф Јакуп, Дора Акан, Наим Агушев и Аксел Мехмед. Во останатите улоги се Селпин Керим, Елхаме Билал, Адем Карага, Метин Ибрахим и други. Кастинг директор е Киријана А. Николоска.

Филмот е копродукција помеѓу „Синема футура“ и „Сектор филм“ од Македонија, „Алтер вижн“ и „Аналог вижн“ од Чешка, „Бекрум продукција“ и „Баш Челик“ од Србија. Продуценти на филмот се Иван Унковски и Ивана Шекуткоска.
Филмот беше поддржан со 23.5 милиони денари (околу 380.000 евра) на конкурсот на Агенцијата за филм за 2020 година во втор рок на одлучување, а доби поддршка од 160 илјади евра на паневропскиот филмски фонд Еуримаж.
(Фото: Сараевски филмски фестивал)