ЗДРАВСТВЕНИТЕ МАКИ МЕ НАПРАВИЈА ПОСИЛНА ДА ГИ ВРАТАМ ВО ЖИВОТ СТАРИТЕ МАЛЕШЕВСКИ ПЕСНИ, ВЕЛИ ПОП-ПЕЈАЧКАТА АНГЕЛА ЗДРАВКОВСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Поп-пејачката Ангела Здравковска, која живее во Берово, ја преработи изворната малешевска песна „Да ти купам мека махмудија“, која оригинално ја испеал Љупчо Дучевски, а сега, како што вели, таа добива едно ново, современо руво. Аранжер и продуцент на новата верзија е Диран Тавитјан.

Во соработка со маестро Диран Тавитјан, создадовме верзија која ја носи душата на Малешевијата, но зборува и на јазикот на новото време: џез, емоција и искреност. Оваа песна е втора од мојот проект посветен на зачувување и оживување на малешевската изворна музика, за нашиот крај и за сите кои веруваат дека традицијата може да живее и во нови облици“, вели Здравковска. 

Ова е нејзино враќање на музиката по повеќе од четири години пауза, по операцијата на мозокот поради инфекција (абсцес). На Велигден, таа промовираше нова верзија на песната „Си заљубив едно моме“, исто во соработка со Тавитјан.

Претходните маки само ми помогнаа, од сето тоа излегов посилна и поспремна. Им благодарам што беа дел од мојот пат, но сега е време да си заминат. Ги пуштам и не говорам за нив повеќе. Од овој момент има место само за убавини. Оваа песна стоеше недопрена речиси една година, со само еден обид за пеење. Живот доби пред само една недела, кога Комисијата за доделување признанија и награди при Советот на Општина Берово го прифати предлогот постхумно да се одликува малешевското грло Љупчо Дучевски. Следната година се навршуваат 30 години од неговата смрт и токму тоа беше поводот. Целиот проект потекна од татко ми, а песните внимателно ги бираме заедно со него. Минатата година, кога се обидов да ја отпеам, никако не успевав како што треба. Но, по донесената одлука, ги замолив во Општината да ми дозволат да ја промовирам и преработката. Се нафатив, и покрај тоа што имав само два дена за подготовка за во студио. Седнав со татко ми Вили, синот на Љупчо, Дарко и со Тимко Чичаковски. Ми раскажуваа анегдоти, детали од животниот пат на Дучевски, како станал дел од КУД ‘Мирче Ацев’, споделуваа приказни за неговата љубов кон Берово и албуми со фотографии. Го видов како висок, стамен, убав, насмеан, добар човек. Тогаш точно знаев каква треба да биде интерпретацијата. Во песната го видов Дучевски. Тој можеби не е единствениот кој ја има изведено оваа песна, но оставил белег да се памети. Особено ми значеше што песната доби свое ново руво токму во пресрет на Денот на ослободувањето на Берово“, вели Здравковска и додава дека тоа бил идеален, симболичен подарок за градот од неа, од срце.

Во студио влегов со Диран и Тимко. Искуството беше како остварување на сон. Снимивме од прва, точно како што сакавме. Имаше многу љубов, искреност и силна емоција. Тоа беше еден од оние моменти кога знаеш дека правиш нешто што има вистинска вредност“, вели Здравковска.

Во септември 2023, четири години откако имаше операција на мозокот, Здравковска учествуваше на Скопскиот маратон и ја изоде хуманитарната трка од пет километри. До 2022 се движела со помош на патерици и рече дека е горда што со поддршка од најблиските се охрабрила да учествува на маратонот.

Во 2019, Здравковска, која е магистерка по право на интелектуална сопственост, за време на патување во Грција почувствувала главоболки силни како мигрена. Почнале да ѝ пречат светлина и гужва. По два дена ја однеле во Штип и ја хоспитализирале. По магнетната снимка, ја дијагностицирала мајка ѝ, која е општ лекар.

Здравствено сум одлично. Сè уште не трчам (се смее), но гласот конечно ми се ослободи. Наскоро ќе ве водам на уште поубави музички патувања, зашто Берово чека да биде видено. Тука сум, таму каде што припаѓам“, вели поп-пејачката.

М. ЏАРОВСКА