Џуд Ло се трансформираше во Владимир Путин во новиот филм на Оливие Асајас, „Волшебникот од Кремљ“, кој имаше премиера вчера на Венецискиот филмски фестивал. Ло претходно кажа дека не влегол наивно во овој проект и дека не стравува од последици поради портретирањето на рускиот лидер.
„Се чувствував безбедно во рацете на Оливие. Ова е приказна што требаше да биде раскажана интелигентно, со нијанси и внимание. Не баравме контроверзи само заради контроверзи“, изјави Ло.
Тој носеше протези заради физичката трансформација и кажа дека неговиот Путин е лик во многу поголема приказна.
„Не се обидувавме да дефинираме ништо за никого“, додаде Ло.
Филмот е адаптација на истоимената книга на Џулијано да Емполи и го следи доаѓањето на Путин на власт, заедно со фиктивен советник по име Вадим Баранов, кого го игра Пол Дејно. Делумно се случува во раните 1990-ти и продолжува до 2014 година.
Ликот на Дејно е инспириран од вистинскиот политички стратег Владислав Сурков, кој се смета за архитект на строго контролираниот политички систем создаден под Путин. Голем дел од приказната во филмот се врти околу Баранов.
Снимањето се одвиваше во Летонија, затоа што не беше во можно во Русија.
(Фото: АП)