Лео Меси изјави дека сè уште не решил дали ќе игра на следното Светско првенство во САД, Канада и Мексико откако го одигра можеби последниот натпревар за аргентинската репрезентација на домашен терен. Тој постигна два гола во победата над Венецуела од 3:0 во квалификациите за СП, а пред почетокот на мечот во Буенос Аирес доби стоечки овации од 80.000 гледачи кога излезе на теренот со тројцата синови.
„Има толку многу емоции. Доживеав толку многу работи на овој терен. Секогаш е радост да се игра за Аргентина. Многу сум среќен. Можноста да завршам на овој начин тука е она за што отсекогаш сум сонувал“, кажа 38-годишниот Меси.
Тој има дадено 114 гола на 194 натпревари за Аргентина, која ја предводеше до третата светска титула пред три години. Ако игра на следниот Мундијал, тоа ќе му биде рекорден шести.
„Се обидувам да се чувствувам добро и да бидам искрен со себе. Претпочитам да не играм таму ако не се чувствувам добро. Ќе видиме. Сè уште не сум донел одлука за Светското првенство. Ќе ја завршам сезоната, потоа ќе имам претсезона и ќе останат шест месеци, па ќе видиме како ќе се чувствувам“, рече Меси.
(Фото: Гети)