ЈАНА ЈАКИМОВСКА ЈА ОТВОРА ИЗЛОЖБАТА „ВЕЗИЛКА“ НА 24 СЕПТЕМВРИ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 24 септември во 20 часот, во Културно-информативниот центар во Скопје ќе се отвори самостојната изложба на академската сликарка Јана Јакимовска насловена „Везилка“.

Проектот ‘Везилка‘ е замислен како визуелен и теоретски премостувач меѓу традицијата и современоста, меѓу културната меморија и дигиталниот сегашен момент, меѓу ‘женската рака‘ и ‘машката историја‘. Со него, Јакимовска се надоврзува врз силната метафора од истоимената песна на Блаже Конески, која годинава одбележува 70 години од создавањето. Кај Конески, везилката е жената која во мрежата од конец и игла внесува историја, идентитет и културна меморија. Кај Јакимовска, таа улога се радикализира: везот станува критичка стратегија и алатка за преиспитување на општествените улоги на жената“, вели кураторката Ана Франговска.

Јакимовска (1981) дипломирала и магистрирала на сликарскиот оддел на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Се занимава со сликарство, фотографија, интервенции во јавен простор, инсталации, перформанси, илустрација и графички дизајн. Работи како редовен професор по сликање и сликарски техники на Ликовната академија во Штип.