СНИМКИ ОД ПОЧИНАТИТЕ МУЗИЧАРИ ФЕРУС МУСТАФОВ И АЛЕКСАНДАР НИКОЛОВСКИ СЕ НАЈДОА НА НОВИОТ РЕТРОСПЕКТИВЕН АЛБУМ НА МИХАИЛ ПАРУШЕВ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Тапанарот Михаил Парушев го издаде новиот албум „Атер“ со неговата група „Парусион“. Дел од гостите на албумот е и познатиот саксофонист и кларинетист Ферус Мустафов, кој почина во 2023.

„Легендарниот Ферус со нас ги свиреше ‘Во наше село’, ‘Дебар добар дабар’ и ‘Лулка’. Ова е ретроспективен албум на мои, досега неиздадени композиции и драго ми е што и снимките со Ферус, како и со трубачот Александар Николовски се дел од него“, вели Парушев.

Гости на албумот се и Зоран Костадиновски на гитара, Драган Полизовски на кавал, Катја Корен, Калина Велковска, Искра Србиновска, Драган Трајковски и Ана Христова како вокали, Иван Бејков, Трајко Симоновски и Мартин Јосифовски на бас гитара, Ѓоле Грујовски на гитара и Јован Цветковиќ, Филип Димишковски и Дамир Имери на пијано. На една композиција свири и џез трубачот Александар Николовски, кој почина во 2021.

Михаил Парушев е аранжер и композитор на сите композициии, а освен тапани, тој на албумот свири и други инструменти. Парушев е продицент на албумот, на кој има осум композиции. Албумот е во издание на „Темпо дигитал продукција“.

М. ЏАРОВСКА