ПРАВИМЕ РЕВОЛУЦИОНЕРЕН КОНЦЕРТ НА ДЕНОТ НА ВОСТАНИЕТО, 11 ОКТОМВРИ, ВЕЛАТ СЛАТКАРИСТИКА И ТОНИ ЗЕН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Симболичен датум за заедничкиот концерт избраа Тони Зен и Слаткаристика, 11 октомври во салата „Борис Трајковски“ во Скопје од 21 часот.

„Револуционерен концерт на Денот на востанието во Македонија“, рече Слаткар на денешната прес-конференција во Скопје.

Менаџерот Кристијан Стефановски од „Прагма“ рече дека почнал да соработува со хип-хоп музичарите уште од основањето на продукцијата во 2007.

„Ја паметам нашата прва прес конференција, но тогаш имаше многу повеќе медиуми. Жално е што ние полниме сали со странски и со балкански ѕвезди, а помалку правиме концерти на македонски пејачи. Интересот кај публиката е помал за наши пејачи и тоа мора да се смени. Сакам да апелирам и до општинските власти за настаните кои ги организираат. Македонската музика тоне, а треба да оди напред. Затоа подготвуваме нешто ново, за кое допрва ќе ве известиме“, рече Стефановски.

Слаткаристика најави дека гости на концертот се „2Бона“, „Некст тајм“ и Зи Бомб, но и дека не ги забораваат музичарите од постарата хип-хоп школа од која учеле.

Македонската музика тоне, а треба да оди напред, па затоа подготвуваме нешто ново, за кое допрва ќе ве известиме“, рече менаџерот Кристијан Стефановски од „Прагма“ (Фото: К. Попов)

„На концертот ќе ги слушнеме двете верзии на песната ‘Спушти се доле‘, онаа покултурната која неодамна ја снимивме и вулгарната од пред 16 години. Снимивме и покултурен спот за новата верзија, без вулгарности“, рече Тони Зен.

Концертот е насловен токму по овој нивни хит.

„Не сме веќе деца, ги прележавме тие детски болести. Сега сме посериозни и затоа оваа верзија е покултурна. Имаме толку многу хитови што изгледа нема да можеме да ги испееме сите. Некои ќе мора да ги скокнеме, но ова мора да биде концерт за кој ќе се зборува потоа“, рече Слаткаристика.

Со Тони Зен се познаваат и дружат веќе 20 години, а концертот ќе биде прослава на тој јубилеј.

„Концертот е прослава и на мој јубилеј, 20 години од првиот албум“, вели Тони Зен.

Билетите се во продажба преку мрежата на Купи карта.

М. ЏАРОВСКА

Фото: К. Попов