„ЕЗГИЈА КВАРТЕТ“ СО МАКЕДОНСКА ЧАЛГИСКА МУЗИКА ЈА НАПОЛНИ САЛАТА НА КИЦ ВО ЗАГРЕБ

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Вокално-инструменталниот состав „Филип Шурбевски-Езгија квартет“ одржа концерт со традиционална чалгиска музика во полната сала на македонскиот Културно-информативен центар (КИЦ) во Загреб.

Музичарите Филип Шурбевски, Костадин Андоновски, Мајкл Карадаковски и Митко Наумовски изведоа повеќе од 18 композиции, претставувајќи ја македонската градска музичка традиција.

„Концертот беше проследен со долги аплаузи од публиката. На почетокот, директорката на КИЦ, Мими Ѓоргоска-Илиевска, рече дека чалгиската музика не е само звук, туку спој на музика, емоција, традиција и заедништво, кој ги поврзува минатото и сегашноста“, велат организаторите.

На концертот присуствуваа претставници на хрватското Министерство за култура и медиуми, дипломатскиот кор и на македонски и хрватски институции, како и бројни Македонци кои живеат во Загреб.