Филмот „Паноптикон“ на режисерот Ѓеорѓи Сикарулиѕе, копродукција на Грузија, Франција и Италија, доби Гран при на 10. издание на меѓународниот филмски фестивал Киненова во Скопје.
Наградата за најдобра режија ја доби српскиот режисер Вук Ршумовиќ за филмот „Помеѓу боговите“, а наградата за најдобро сценарио ја добија Момир Турудиќ и Вук Ршумовиќ за истиот филм.
За најдобар краток филм е награден „Пиратска земја“ на Ставрос Петрополус. Специјално признание за особено визуелно достигнување доби филмот „Затемнување“ од Ахмет Елзогби од Египет.
„Многумина наши гости-автори на прашањето колку филмот може да го промени светот велат многу малку, но како личности ние сите се менуваме по секој изгледан филм и јас во тоа верувам. По секој филм имаме еден друг поглед затоа што авторот ни го овозможува тоа. Авторскиот филм е една бујна река. Но, таа треба да стигне некаде. Ако не стигне никаде, ако не дојде на фестивалите, ако не знаеме да го препознаеме, тоа е многу тажно. Ние се обидуваме да го препознаеме авторскиот филм“, рече Гена Теодосиевска, уметничка директорка на Киненова.
Фестивалот се затвори со проекција на филмот „Прасловен“ на режисерот Слободан Максимовиќ.