Од 16 до 18 октомври во Скопје ќе се одржи фестивалот на современата музичка сцена ПМГ рекордингс фестивал во чест на роденденот на неговиот основач Мирко Попов. Настаните ќе се одржуваат во „Јавна соба“ и на малата сцена на Македонскиот народен театар.
На 18 октомври во „Јавна соба“ ќе гостува хрватскиот состав „Менгрув“ (фото), кој има шест студиски албуми и соработувал со многу музичари, меѓу кои и џез оркестарот на Хрватската радио-телевизија. Вечерта ќе ја отвори електро-поп пејачката Марија Каева со своето трио.
Фестивалот започнува на 16 октомври во „Јавна соба“ со настапите на гитаристот Александар Велики и трап дуото Донплеја и Принцес Донацу. Влезот е слободен.
Втората фестивалска вечер ќе биде во МНТ и ќе биде посветена на електронската музика. Скопскиот продуцент и диџеј Љубен Дерибан ќе ја претстави својата авторска продукција во живо, музичко-поетскиот проект „Поетроника“ (Оливер Митковски и Андреја Салпе) ќе се претстави со досега неизведени композиции, а „Блекстејт“ (Филип Тасевски) ќе настапи со експериментална електроника, синт-поп, алт-поп и хардкор панк.
Мирко Попов го започна ПМГ рекордингс фестивалот во 2008. Со 13 реализирани изданија, фестивалот беше значајна платформа на новата и квалитетна музичка продукција. Подготовките за 14. издание започнаа во 2023 со Попов, а сега е резултат на работата на тимот на фестивалот, заедно со музичарите и партнерите. Мирко Попов почина на 24 март 2024.
Билети за програмата на 17 октомври се достапни на веб-страницата на МНТ, а за 18 октомври на Друга страна.