КОНЦЕРТ НА ОРКЕСТАРОТ НА МУЗИЧКА МЛАДИНА НА 13 ОКТОМВРИ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 13 октомври, од 20 часот, во камерната сала на Филхармонија концерт ќе одржи Оркестарот на музичката младина на Македонија.

Диригент е Ангел Спироски, а како солисти ќе настапат Мила Јаневска – сопран, Хелена Суша – сопран и Калина Христовска – перкусии.

Ќе се изведе делото „Сумерски записи“ од Стојан Стојков за два сопрана и гудачки оркестар, Мандала за гудачки оркестар од Јана Андреевска, „Панаѓур“ за перкусии и гудачки оркестар од Гоце Коларовски и „Темпера 2“ за гудачки оркестар од Тома Прошев.

Оркестарот на Музичката младина на Македонија е младински ансамбл со повеќедецениска традиција и значајно место на македонската и меѓународната музичка сцена. Основан е во 1986 како составен дел од Летниот музички камп на Музичката младина на Македонија. Тој е единствениот ансамбл од ваков вид во југоисточна Европа.
Во оркестарот членуваат студенти од Факултетот за музичка уметност во Скопје, а учествуваат и млади музичари од различни земји.
Концертот е во рамките на Денови на македонска музика.
Фото: Охридско лето