Вечерва (15 октомври) во Театар Комедија од 20 часот премиерно ќе се изведе претставата „Аматери“, во режија на Синиша Евтимов. Од Театарот велат дека „Аматери“ е сатирична и експлозивна претстава што ги меша историјата, поп-културата и современиот апсурд во еден хаотичен, магично-забавен свет.
„Од солунските атентати, преку партизани во ‘Фортнајт’ универзумот, до пародични реклами за Кавадарци, козметика и хотели, сè е дозволено и ништо не е свето. Преку динамични сцени и ликови кои постојано се движат меѓу мит и реалност, ‘Аматери’ поставува прашања за идентитетот, историјата, смислата на животот и сè останато. Ова е претстава за револуционери и будали, за љубовници и предавници, за партизани и инфлуенсери, за сите нас кои од љубов кон идејата или хаосот остануваме аматери“, велат од Театарот.
Продуцентка е Татјана Дешко, сценографијата, костимите и дизајнот на видео се на Илина Ангеловска, а играат Атанас Атанасовски, Валентин Костадиновски, Сергеј Димоски, Тони Денковски, Виктор Арсов, Јаков Спасов, Столе Мицов, Илија Илиоски, Жарко Димоски, Жаклина Петровска, Маја Љутков и Елена Кузманов.