„ЖЕНА“ НА АНТОНИА ГИГОВСКА Е НАЈСЛУШАНА ПЕСНА МЕЃУ ДВЕ ИЗДАНИЈА НА МАКФЕСТ

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

За најслушана песна од минатиот до годинашниов фестивал Макфест во Штип, е прогласена композицијата „Жена“ на младата пејачка Антониа Гиговска.

Пејачката од Општина Штип доби ваучер од 120.000 денари (околу 1.900 евра). Тоа е единствената парична награда која се доделува во изминатите неколку години, откако престана практиката за избор и награди за прво, второ и трето место и организаторите одлучија да се бира само најслушана песна.

Синоќа (24 октомври) на втората фестивалска вечер настапи и македонскиот фолк пејач Зоран Ванев кој живее и работи во Швајцарија. Специјално за годинашниов јубилеен фестивал, Ванев во своето студио во Швајцарија ја изработил композицијата „Душо моја“ на негов текст, музика и аражман и како фолк пејач по речиси 30 години, се враќа на македонската музичка сцена да се испроба и со забавна композиција.

„Ова е како подарок за мојот роден Штип. Во Швајцарија каде што живеам направив специјално за јубилејното 40. издание на Макфест една забавна композиција. Со овој мој комплетен настап сакам да упатам порака до моите колеги пејачи, посебно до повозрасните кои, не знам од кои причини статично апстинираат од фестивали, да покажат дека сè уште постојат, а за тоа убава можност им пружа Макфест“, рече Ванев.

Вечерва (25 октомври) ќе се одржи третата и завршна фестивалска вечер за која уште пред да почна Макфест картите однапред биле распродадени. Предвидено е настап на 16 пејачи со исто толку песни кои или биле победници во изминатите 40 години или нивните песни станале евергрини.

Директниот пренос на МРТ ќе започне во 20:15 минути.

Т. ЈОВАНОВСКИ

(Фото: СМАРТ.СДК.МК )