ТАКСИРАТ НАЈАВИ 12-ЧАСОВНА ТЕХНО ЖУРКА НА 7 ДЕКЕМВРИ, ДОМАШНИ ДИЏЕИ ЌЕ ПУШТААТ МУЗИКА СО СВЕН ФЕТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Фестивалот Таксират се проширува со 12-часовна техно журка, која ќе се одржи на 7 декември во арената „Борис Трајковски“, ден по традиционалната фестивалска вечер. Претходно беше објавено дека главната ѕвезда ќе биде едно од највлијателните имиња во електронската музика Свен Фет (фото).

Од „Пасворд“ најавуваат дека журката ќе трае од 13 часот до еден часот по полноќ. Покрај легендарниот Германец, музика ќе пуштаат домашните диџеи Монго/Омару, Вишко, Маци, Кристијан ХСС, Петк.ов, Аврамоски, Додевски, Лесја/Дија и Песинџер, со што, како што велат организаторите, ќе се поврзат дневната и ноќната фестивалска атмосфера.

Првиот дел од Таксират е на 6 декември, кога ќе настапат италијанскиот метал бенд „Лакуна коил“, хип-хоп легендите „Оникс“, турскиот рапер Езхел, балканската атракција „Дубиоза колектив“, ЛД Пистолеро и други.

(Фото: Фејсбук)