Денеска (17 ноември) на повеќе локации низ Скопје ќе започне 10. издание на настанот Недела на италијанската кујна. Оваа година настаните ќе бидат посветени на темата „Италијанска кујна: здравје, култура и иновации“. Оваа манифестација е особено значајна денес, кога италијанската кујна го доби првото зелено светло во процесот да биде призната како нематеријално културно наследство од страна на УНЕСКО.
„Ова десетто издание, организирано од Амбасадата на Италија во Скопје во соработка со Италијанската трговска агенција, ќе понуди висококвалитетна програма со голема културна вредност. Фокусот ќе биде ставен на сицилијанските слатки кои се автентичен симбол на вековните традиции“, велат организаторите.
На 19 ноември од 11 часот, во скопскиот хотел „Лимак“ ќе се одржи мастерклас за уметноста на сицилијанското слаткарство, што ќе биде предводен од познатиот слаткар Лило Дефраја. Тој е водечка фигура во индустријата на слатки речиси 60 години и е добитник на престижни награди. Следниот ден, Дефраја ќе одржи и работилница за правење слатки наменета за ученици и наставници од угостителското училиште „Лазар Танев“ во Скопјe.
На 21 ноември, Дејан Богоевски ќе води работилница посветена на уметноста на правење на италијанско еспресо, која ќе се одржи во Центарот за обука „Лаваца“.
Италијанската амбасада ќе се вклучи во проектот на италијанското министерство за надворешни работи со наслов „Вкусот на здравјето: Три италијански менија“. Сите настани од Неделата на италијанската кујна ќе можат да се следат на социјалните медиуми преку хаштагот #cucinaitaliana.