„СМАТ“ НА 9 МАЈ ГО ПРОМОВИРААТ ПЕТТИОТ АЛБУМ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Ветераните на македонската хардкор/металкор сцена „Смат“ ја најавија промоцијата на својот најнов, петти по ред студиски албум.

Насловен „Тие се насекаде“, албумот е производ на пет години работа и јавноста за првпат ќе има можност да го слушне на 9 мај, во просториите на „Пасворд плејс“ (20 часот), наспроти италијанската амбасада.

„Во изработката на овој албум влеговме со цело наше срце, со цел да ја доловиме сликата за случувањата во светот, но најмногу во нашата земја. Ситуацијата во којашто се наоѓаме и нѐ следи речиси 30 години како темен облак треба да биде запишана и да се зборува за истата. Песните го имаат тој мрачен тон, како во мелодиите, така и во текстовите. Снимивме десет песни, кои тематски се преплетуваат и поврзуваат една со друга. Насловот на албумот е директна инспирација од бендот ‘Санаториум‘, поточно песната ‘Град’“, појаснуваат членовите на бендот, кој работи уште од 1996 година.

Албумот е снимен во студиото „Поларити“, а го издава „Пасворд рекордс“.