ПОСЛЕДНИТЕ ЕПИЗОДИ НА „ЏОИ“ СО МЕТ ЛЕБЛАНК СЕ ДОСТАПНИ НА ЈУТЈУБ 20 ГОДИНИ ОТКАКО СЕРИЈАТА Е УКИНАТА

САД, (Би-Би-Си)

Обожавателите на серијата „Пријатели“ конечно можат да ги гледаат последните осум епизоди од спиноф серијата „Џои“, во која глуми Мет Лебланк како несреќниот, но симпатичен Џои Трибијани. Ситкомот на Ен-Би-Си од 2004 беше откажан во 2006 на средина од втората сезона поради слаба гледаност, што значи дека американските обожаватели никогаш не ги видоа последните епизоди.

Сега, речиси 20 години подоцна, тие епизоди се достапни за гледање на јутјуб каналот на „Пријатели“.

Во серијата, која почна да се емитува само четири месеци по завршувањето на „Пријатели“, Џои е преселен во Лос Анџелес, каде што неговиот нов ситком беше откажан, принудувајќи го да се пресели кај семејството.
„Шоуто, и покрај критиките, ме насмеа во секоја епизода, а повторното гледање по сите овие години беше терапевтско. Се надевам дека Мет Лебланк и остатокот од екипата еден ден ќе ги прочитаат коментарите на овој канал и ќе сфатат дека, спротивно на јавното мислење, постоеше заедница која апсолутно ја обожаваше оваа ТВ-серија“, велат обожавателите во коментари.

Во екипата беа и Џенифер Кулиџ, Дреа де Матео, Пауло Костанцо, Мигел А. Нуњез Џуниор и Бен Фалконе. Додека пилот-епизодата на „Џои“ имала 18,6 милиони гледачи, гледаноста се намалуваше како што напредуваше серијата, со просек од 10,2 милиони гледачи во првата сезона и 7,1 милион во втората. Потоа „Џои“ беше откажана.

(Фото: Гети)