Шестото издание на Котон блуз фестивал во Скопје почнува вечерва (21 ноември) во 21 часот со настапите на квартетот на ИгиМен и Американецот Тони Холидеј. Годинашната програма содржи четири вечери, поделени во два блока, а сите настани се во рок барот „Русти“.
Откако лани промовираше албум, Игор Станоески-ИгиМен оваа година ја има честа да го отвори Котон блуз фестивал. Тој ќе настапи со својот квартет, со гитаристот Ади Имери како специјален гостин.
И мајсторот на усна хармоника Тони Холидеј е добро познато лице за скопската блуз публика зашто ова ќе му биде втор настап на Котон блуз фестивал, по оној во 2022 (фото).
Утрешната програма е посветена на домашни блуз музичари, па ќе можат да се слушнат битолскиот проект „Рене пее блуз“ и бендот „Мол пек“ со концертна промоција на вториот албум.
Котон блуз фестивал ќе има уште две вечери на 26 и 27 ноември.