ТУРСКИТЕ МЕДИУМИ СО ПОФАЛБИ ЗА КОРЕОГРАФИЈАТА НА ОЛГА ПАНГО ЗА БАЛЕТОТ „ДОН КИХОТ“ ВО ИСТАНБУЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Олга Панго ја постави кореографијата на балетот „Дон Кихот“ во Балетската компанија за млади во Истанбул. Премиерата беше на 22 ноември, а турските медиуми пренесуваат дека новата продукција на „Дон Кихот“ е „изградена врз традицијата на Петипа од страна на истакнатата кореографка од Северна Македонија, Олга Панго и поставена со енергичната и популарна музика на Минкус, добивајќи големи аплаузи од љубителите на уметноста“.

Панго е една од основачите на оваа компанија и нејзина уметничка директорка, а лани таму го постави балетот „Оревокршачка“. И на двете претстави соработувала на видеодизајнот со Емил Петров.

Панго со македонската балерина Христина Наќевска, која настапи како Китри на една од изведбите.

„Презадоволна сум од целата соработка, од сето тоа што го прават децата, од колегите од Националната опера и балет, од ДМБУЦ ‘Илија Николовски-Луј’. И лани и сега гостуваа ученици од балетското училиште, со поддршка на професорките Слаѓана Спасеноска, Дафина Данилоска и Маја Митровска. Ова е многу ентузијастичка работа и сакаме да оставиме белег и да им дадеме простор на оние деца кои завршуваат, а немаат каде да се изразат“, ни рече Панго.

„Овој нов ‘Дон Кихот’ не само што нуди импресивна демонстрација на класична балетска техника, туку се издвојува како моќен едукативен проект. Кореографијата на Панго ја почитува традицијата, но истовремено внесува свежина и хумор“, стои во една од објавите на турските медиуми.

На премиерата во операта „Суреја“, Китри ја играше Анастасија Лименко, примабалерина на московскиот балетски театар „Станиславски“, Базил го играше Артур Мкртчан од истиот театар, а Санчо Панса го играше Јан Кисилев од Македонија. Македонската балерина Христина Наќевска ја играше Китри на друга изведба на „Дон Кихот“.