Пејачката и авторка Сара Мејс ја објави својата нова празнична песна „Нека трепка“, заедно со вокалниот квартет „Sarah Mace and The Girlzz“, кој го сочинуваат и Ана Петановска, Калина Велковска и Теа Богатинова. Песната ги носи топлината и празничната магија на декември, музиката и текстот се на Сара Мејс, а аранжманот на Роберт Билбилов.
За новата песна е снимен и видеоспот, изработен од продукцијата „Стедифлоу“, кој премиерно е промовиран на Јутјуб.

„‘Нека трепка’ е нежна празнична приказна што ја буди магијата на декември низ мирисите, боите и чувствата што го обојуваат овој период од годината. Рефренот ги носи возбудливото очекување на новата година и желбата овој декември да биде најволшебен, донесувајќи топло музичко доживување што буди радост и носи доза на празнична фантазија“, вели Сара Мејс.