„ЈОН ВАРДАР ПРОТИВ ГАЛАКСИЈАТА“ ЌЕ ИМА АФРИКАНСКА ПРЕМИЕРА НА ФЕСТИВАЛ ВО НИГЕРИЈА, ФИЛМОТ СТИГНА НА СИТЕ КОНТИНЕНТИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Анимираниот филм „Јон Вардар против галаксијата“ на Гоце Цветановски неделава ќе ја има својата африканска премиера, а за првпат ќе се прикаже и во Португалија.

Африканската проекција ќе се одржи на меѓународниот филмски фестивал „Зума“ во Абуџа, главниот град на Нигерија. Фестивалот е организиран од Нигериската филмска корпорација, а ова е неговото 15. издание, кое се одржува под мотото: „Раскажувањето приказни и глобалното влијание: Филмот како моќно средство за економски развој“.

Прикажувањето во Нигерија значи дека „Јон Вардар“ пристигна на сите континенти.

Филмот се најде и во изборот на деветтиот „АнимаПИКС“ во Португалија, каде што ќе ја одбележи својата португалска премиера.

„Јон Вардар против галаксијата“ досега беше прикажан на над 40 меѓународни фестивали и освои пет награди. Сценариото и режијата се на Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски-Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.