Писателката Фросина Пармаковска вчера (9 декември) ја прими наградата „Пегаз“ за романот „Кривата Дијана“, кој победи на седмиот конкурс за наградата за најдобар необјавен роман, што ја доделува издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“. Ракописот „Кривата Дијана“ (со поднаслов „Роман за верижната вина“) е книга на актуелниот момент, а инспирација за делото се реални трагични случувања во нашата држава изминатите години.
„Во сите мои романи досега е присутна нашата реалност, но во ’Кривата Дијана‘ најдиректно се занимавам со вистинските случувања околу нас. Во ова дело судбините на ликовите целосно зависат од реалноста, таа е присутна во нивните трауми. Всушност, траумата е главната тема на романот, а се занимавам и со прашањата за загубата и повторувањето на истите болни ситуации. Инспирацијата ја црпев од нашето секојдневие. Толку е болно и толку е реално што, ако сум искрена, кога би можела, никогаш не би го напишала овој роман. Но, она што се случува во нашата земја последниве години многу ми влијаеше. Нема подобар материјал од она што го живееме“, кажа Пармаковска и додава:
„Ова е и роман за простувањето, за учењето да се излезе од магичниот круг. Секогаш сакам да има надеж во моите романи. Без верба дека ќе биде подобро, што би бил животот? Дијана се соочила со траума многу млада, живеела со очај и гнев, но научила да прости. Таа го избира тоа. Научила да живее со она што животот го донел, а вербата и надежта ја водат кон надминување на болката. Поуката е дека мора да научиме да ги прекинеме циклусите на грешки и трауми. Затоа романот го завршувам со доза надеж дека навистина може да стане подобро“, рече таа.