Два новогодишни концерта „Виена во Битола“ во изведба на „Битолски оркестар Дива“ се одржаа во Центарот за култура во Битола. Ова е настан кој со години наназад е културен белег на градот и е меѓу најбараните концерти во празничниот период.
Публиката беше пречекана со сценографија што наликуваше на новогодишна честитка со канделабри, снежни ефекти и зимски пејзажи кои асоцираа на волшебна зимска бајка, инспирирана од виенската елеганција. Во духот на празниците, посетителите добија и новогодишни чоколатца, како мал, но топол гест на благодарност кон верната публика.

Концертната програма донесе внимателно избрани бисери од виенската класика и оперета, со дела од Јохан Штраус, Франц Лехар, Емерих Калман и други. На сцената настапија солистите Марија Наумовска-Бакревски, Јелена Јовановиќ (Србија) и Тамара Ангеловска, заедно со мешаниот хор при КУД „Стив Наумов“ и балетот при Националната опера и балет, придружени од „Битолски оркестар Дива“ и Камерен оркестар на Битола.
Еден од поубавите моменти беа малите балерини од „Анастасија центар“, кои на песната „Тивка ноќ“ (Silent Night) ја разнежија публиката со нивната изведба.
На концертот диригираше Владимир Димовски, кој ги подготви и аранжманите и целосната оркестрација.
„Виена во Битола“ е концерт кој секоја година се очекува со сè поголем интерес и кој уште еднаш ја потврди својата позиција како неизоставен дел од културниот календар на градот. Како и претходните години, двата концерта беа распродадени уште пред еден месец.
Ж. ЗДРАВКОВСКА