Денеска (20 декември) и утре (21 декември) во Скопје ќе се одржи 9. издание на винскиот салон „Винодонија“. Настанот ќе се отвори во 16 часот во хотелот „Мериот“.
Ќе бидат изложени повеќе од 75 вински брендови со 500 вински етикети од Македонија и од странство. Ќе има и 15 гастро-изложувачи со своите деликатеси.
Во рамките на настанот ќе има работилници и предавања на сомелиерите Александар Вучковски и Александар Миливојевиќ и едукативен мастерклас со споредбена дегустација.
„Интернационалниот карактер на ‘Винодонија 2025‘ се огледува во присуството на винари и експерти од различни земји, кои ќе ги споделат своите најдобри вина и најновите трендови во светското винарство. Оваа година, покрај македонските вина, посетителите ќе имаат можност да дегустираат и врвни вина од регионот и пошироко“, велат организаторите.