Француската актерка и пејачка Брижит Бардо, која почина денес (28 декември) на 91 година, целосно ја разниша дотогашната воздржана претстава за жените во филмот од 1950-тите и стана олицетворение на новата ера на сексуална слобода. На филм таа беше француски спој од разигран шарм и европска сензуалност. Едно списание ја нарече „принцезата на надуените усни и грофицата на заводливиот поглед“, но тоа беше имиџ кој со текот на времето таа почна да го мрази.
Безмилосно промовирана како хедонистички секс-симбол, Бардо беше фрустрирана во својата амбиција да стане сериозна актерка. На крајот, таа ја напушти актерската кариера за да се посвети на борбата за заштита на животните.
Години подоцна, нејзината репутација беше нарушена кога даде хомофобични изјави и повеќепати беше казнувана поради поттикнување расна омраза. Нејзиниот син исто така ја тужеше за емоционална штета, откако таа изјави дека повеќе би сакала да „родела мало куче“. Во нејзината книга „Крик во тишината“ од 2003, таа се залага за десничарска политика и ги напаѓа геј мажите и лезбејките, наставниците и таканаречената „исламизација на француското општество“, што резултираше со осуда за поттикнување расна омраза. Бардо имаше долга историја на поддршка на францускиот Национален фронт (кој оттогаш е преименуван во Национален собир), изјавувајќи за „Гардијан“: „Во врска со застрашувачкиот пораст на имиграцијата, целосно ги споделувам ставовите на Жан-Мари Ле Пен“. Во 2006, во писмо до тогашниот министер за внатрешни работи Никола Саркози вели дека муслиманското население на Франција „ја уништува нашата земја со наметнување на своите правила“.
Тоа остави дамка во сеќавањето на една икона која, во своите најдобри години, ги стави бикинито, копнежот на жената и француската кинематографија на светската мапа.
Бардо стекна меѓународна слава со филмот од 1956 „И Бог ја создаде жената“, напишан и режиран од нејзиниот тогашен сопруг Роже Вадим, и во следните две децении ја отелотворуваше идејата за архетипското „секси маче“.
Во раните 1960-ти, Бардо се појави во низа познати француски филмови, меѓу кои и драмата „Вистината“ на Анри-Жорж Клузо номинирана за Оскар, „Многу приватна афера“ на Луј Мал (со Марчело Мастројани) и „Презир“ на Жан-Лик Годар. Во втората половина од деценијата, Бардо прифати голем број холивудски понуди, меѓу нив беа „Вива Марија!“, мексиканска комедија со Жана Моро, и „Шалако“, вестерн со Шон Конери.
(Фото: Гети)