Поп-пејачката Мими Јовановска ја промовираше својата нова песна „Заборави“, за која вели дека е емотивна љубовна балада.
Иако снимена уште минатата година, песната не беше објавена поради пожарот во Кочани на 16 март, во кој загина и придружниот вокал и професорка по пијано Сара Пројковска, која ги отпеа пратечките вокали со Ана Костадиновска и Драги Лазев.
„Песната беше готова уште минатата година и тогаш најавив две нови песни. Но, се случи несреќата во Кочани, па ги повлеков и двете. На нив придружен вокал е Сара Пројковска, која, за жал, го загуби животот. Немав ни желба да ја објавам. По една година, решив да ја промовирам и драго ми е што на неа остана зачуван гласот на Сара. Додека ја снимавме песната, не ни помислував дека ќе носи толку тага“, рече пејачката од Велес.
Музиката за „Заборави“ е на Филип Нуне, аранжманот на Дамир Имери, а текстот на Огнен Неделковски. Продуцент е Мите Димовски, а песната е снимена во студиото „Тралала“. Видеоспотот е во режија на Даниел Јовески.
Мими Јовановска продолжува со активна работа на нов материјал. По објавата на баладата „Те сакам“ кон крајот на минатата година, таа најавува уште неколку нови песни. Воедно е дел од „Бендот на браќата Нуне“, со кој наскоро ќе снима нови песни.
Покрај студиските активности, пејачката ја очекува и летната сезона со настапи низ земјава и во странство.