СТРУМИЧКИОТ КАРНЕВАЛ ЌЕ СЕ ОДРЖУВА ОД 18 ДО 25 ФЕВРУАРИ, ПОСЛЕ ДЕФИЛЕТО ПРВПАТ ЌЕ ИМА КОНЦЕРТ

Струмица, (СМАРТ СДК.МК)

Струмичкиот карневал ќе се одржува од 18 до 25 февруари, а големото дефиле ќе биде на 21 февруари по веќе утврдената траса на струмичките улици, соопшти Организациониот одбор. Новитет годинава е што после карневалското дефиле ќе има концертна забава на струмичкиот плоштад.

Организаторите не објавија кој ќе настапи на концертот, но ветија дека публиката ќе ужива.

Годинава има новитет. Во 21 часот ќе започне концерт за карневалските маски и публиката која ќе остане на плоштадот. Уште сме во преговори со имињата кои ќе настапат, но верувам и ветувам дека ќе биде нешто во што струмичани ќе уживаат“, кажа Танкица Стојанова, новата претседателка на Организациониот одбор на Струмичкиот карневал откако лани беше разрешен Александар Цицимов.

Стојанова не прецизираше колку карневалски групи ќе настапат и дали ќе има гости од странство. По 15 години учество, годинава ќе го нема концертот под маски на музичкото училиште „Боро Џони“. Проблемот биле парите и кусото време за организација. Место концерт под маски, ќе има „Карневалски мјузикл“ со струмички деца предводени од професор од Скопје.

Градоначалникот на Струмица Петар Јанков кажа дека годинава карневалот ќе чини 3,7 милиони денари.

В. ТРАЈКОВ

Фото: СДК.МК