Младиот готвач Матеј Шапков (19) од Струмица освои бронзен медал на меѓународен кулинарски натпревар што се одржа во Будва во организација на Асоцијацијата на шефови на кујни на Црна Гора. Натпреварот се одвиваше под покровителство и според строгите критериуми на Светската асоцијација на готвачки здруженија, а учествуваа претставници од 14 земји, меѓу кои и Македонија.
„Шапков, кој е дел од тимот на ‘Цар Самуил’ од Струмица, настапи во категоријата рижото под менторство на готвачот Горан Филипов и успеа да се истакне во силна меѓународна конкуренција, потврдувајќи го потенцијалот на младите македонски готвачи. Настанот имаше особено значење за македонската гастрономија“, вели претседателката на здружението „Гастромак“, Адријана Алачки.
Успешен настап имаа и тимот на здружението за афирмација на млади угостители „Ескофиер“ и учениците од СОУУД „Димитар Влахов“ од Скопје, под менторство на професорката Ивана Петров-Ѓорѓиева и готвачот Мите Петров, кои се вратија со повеќе награди.
Од „Гастромак“ велат дека дополнителен успех за Македонија е што Горан Филипов и Ивана Петров-Ѓорѓиева ја добија титулата меѓународен гастрономски судија на Светската асоцијација на готвачки здруженија.