Од 4 до 8 август, во Струмица по 21. пат ќе се одржи интернационалниот филмски фестивал Астерфест. Годинашната лауреатка на наградата „Астер“ е актерката и професорка на Факултетот за драмски уметности, Синоличка Трпкова.
Годинава мотото на фестивалот е „Со отворени очи“, а програмата опфаќа 20-ина нови филмови од повеќе видови и жанрови. Специјална проекција ќе има македонско-швајцарско-американскиот документарно-игран филм „Железна тврдина“, по сценарио и во режија на Митко Панов.
„Астерфест ми причини невообичаена радост со тоа што одлучи да го вброи моето име покрај Мигел Ермосо, Карољ Вичек, Данчо Чеврески, Пиро Милкани, Желимир Жилник… Оваа награда дејствително гради однос на доверба, која, пак, оди рака подрака со одговорноста. Прва и досега единствена јавно покажана доверба во мене овде, дома, после повеќе децении академска, филмска и театарска дејност“, изјави Трпкова.
Наградата ќе ѝ биде врачена на свеченото отворање на фестивалот на 4 август.
Главна локација за вечерните проекции е летниот Амфитеатар во Градски парк, а вонредна локација е Домот на АРМ.