СТАСАВ ВО ТОП-6 НА НАТПРЕВАРОТ „ГЛАСОТ НА ЕВРОПА“ И СОНУВАМ ЗА ГОЛЕМИ СЦЕНИ, ВЕЛИ СТРУМИЧАНКАТА ТИНА РУСЕВА КОЈА ЖИВЕЕ ВО ГЕРМАНИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Младата пејачка од Струмица Тина Русева, која живее во Германија, влезе меѓу шесте финалисти на музичкиот онлајн натпревар „Гласот на Европа“. Во 2025, таа го воодушеви жирито на натпреварот „Гласот на Германија“.

Русева, која девет години живее во Леверкузен, вели дека „Гласот на Германија“ отсекогаш бил повеќе од натпревар за неа.

Тина Русева стана популарна по натпреварот „Гласот на Германија“ (Фото: Фејсбук)

„Беше мојата визија, мојата страст и мојата длабока желба. Живеев за овој момент. Се пријавив да кажам еве сум, постојам, јас сум Тина Русева. Едноставно, натпреварот го гледам, пред сѐ, како лична промоција. Место каде што може да си забележан од луѓе од целиот свет. Целиот процес започнува со онлајн пријава, по што следуваат неколку круга на селекции и аудиции пред продукцијата. Во секој чекор има строги елиминации, од проверка на основни информации, преку демонстрација на талент, до интервјуа. Само мал дел од пријавените успеваат да стигнат до телевизиските аудиции. Процесот е долг, интензивен и бара трпеливост, но истовремено е и многу возбудлив. Јас стасав до тимските борби“, ни рече талентираната пејачка, која доби голема поддршка на социјалните мрежи во Македонија, особено од домашните музичари, кои ги споделуваа нејзините енергични настапи.

„‘Гласот на Европа’ е натпревар кој засега е онлајн. Пред некој ден стасав до топ 6 и со тоа се пласирав директно во големото финале. Огромна благодарност до луѓето кои гласаа и ме поддржаа во тој процес“, ни рече Русева.

Финалето ќе се одржи на 16 јануари, а младата пејачка вели дека за начинот на гласање и за избирањето на првите три места ќе следат информации за брзо од страна на организаторите. За првите тројца следуваат парични награди.

„Секој дел од шоуата си има нешто свое, но ако морам да изберам, би рекла дека првата аудиција или таканаречената слепа аудиција ми остана во срце. Од денот кога ме примија едвај чекав да дојде. На денот на настапот бев премногу возбудена затоа што тоа беше моментот што го чекав цел живот. Имаше коментари што премногу ми значеа, но ете нека биде коментарот на Калум Скот, кој ме спореди со големи ѕвезди како Витни Хјустон и Селин Дион“, вели Русева.

Тина Русева има неполни 22 години и девет години живее во семејството во Германија (Фото: Фејсбук)

Додека учествуваше на натпреварот „Гласот на Германија“, таа постојано патуваше од Леверкузен до Берлин затоа што таму се одржувале сите проби и снимања. Најголемата поддршка ѝ биле најблиските.

Пред да се пресели во Германија, Русеа пеела на детскиот фестивал „Јојо” во Струмица, а учествувала и на повеќе интернационални натпревари.

„Еден од најголемите фестивали на кои бев е ‘Славјански базар‘ во Белорусија. Исто така снимив и авторска песна што излезе пред ‘Гласот на Германија’,Let the Music’. Моите музички амбиции се да создадам музика што ќе допре до луѓето. Целта ми е да оставам трага и еден ден да настапувам на големи сцени“, вели Тина Русева. 

На 28 февруари, таа заедно со Андријана Јаневска, Ламбе Алабаковски и Елена Андоновска ќе пее на хуманитарен концерт во Диселдроф за семејствата на настраданите во пожарот во Кочани. На крајот на ноември беше гостинка на концертот на „Нокаут“ во Диселдорф.

М. ЏАРОВСКА