КИНЕСКАТА АПЛИКАЦИЈА ЗА САМЦИ „ДАЛИ СИ МРТОВ“ ГО ПРОМЕНИ ИМЕТО ОТКАКО СТАНА ПОПУЛАРНА НИЗ ЦЕЛ СВЕТ

Пекинг, (Ројтерс)

Апликација наречена „Дали си мртов“ наменета за луѓе кои живеат сами стана толку популарна во Кина што компанијата која стои зад неа беше принудена да воведе претплата и да ѝ го промени името за глобална публика.

Апликацијата Силеме (Sileme), што се преведува како „Дали си мртов?“, е опишана како лесна алатка за безбедност создадена за самци или за сите кои избрале осамен начин на живот. Таа бара поставување на еден контакт за итни случаи и испраќа автоматски известувања ако корисникот не се пријавил преку апликацијата неколку дена по ред.

Во Кина можеби има околу 200 милиони домаќинства со еден член, а стапката на самостоен живот надминува 30%.

Компанијата „Силеме“ објави дека наскоро ќе ја лансира новата верзија со глобалното име Демуму. Таа веќе се наоѓа под ова име на листата на платени апликации на „Епл“, каде што во еден момент беше на врвот.

„Првично бевме непознат мал тим, основан и управуван независно од тројца родени по 1995 година“, соопшти „Силеме“, додавајќи дека поради растечките трошоци ќе воведат претплата од 1,15 долари.