СО „МАЈКА МАРА“ НА КАРАНОВИЌ ВО СКОПЈЕ ПОЧНУВААТ БЕСПЛАТНИТЕ ПРОЕКЦИИ НА ФИЛМОВИ ОД ЈАДРАНСКИОТ РЕГИОН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Од вечерва (22 јануари) до 5 февруари во Скопје ќе се одржи зимското издание на Мрежата на фестивали на Јадранскиот Регион. Во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Словенија и Македонија, беслатно ќе играат наградувани регионални филмови, во кината и онлајн.

Вечерва (22 јануари) од 19 часот во киното „Синеплекс“ во Скопје, ќе игра „Мајка Мара“ (фото) во режија на Мирјана Карановиќ која ја игра и главната улога. Карановиќ ќе присуствува на проекцијата заедно со актерот Вучиќ Перовиќ и кинематограферот Игор Маровиќ.

На програмата се и „Ријека или смрт“ (Fiume o morte!)“ на Игор Безиновиќ кој викендот ја освои наградата за Најдобар европски документарец, „Семејна терапија“ од Соња Просенц,  „По летото“ на Данис Тановиќ, „Живи и здрави“ од Иван Мариновиќ и „Планета 7693“ од Гојко Бекуљан.
Бесплатните проекции се во Скопје, Белград, Сараево, Загреб, Љубљана и Херцег Нови, а сите филмови ќе бидат достапни онлајн од 23 јануари преку платформата ondemand.kinomeetingpoint.ba.
Ова е четврто зимско издание на Фестивалската мрежа на Јадранскиот Регион, а се реализира како заеднички проект на регионалните филмски фестивали во Белград, Сараево, Љубљана, Загреб, Херцег Нови и битолскиот „Браќа Манаки“.