МИРЈАНА КАРАНОВИЌ ДОАЃА ВО СКОПЈЕ СО ПРЕТСТАВА ЗА МАРЛЕН ДИТРИХ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
Легендарната актерка Мирјана Карановиќ доаѓа во Скопје на 3 март со претставата „Марлен Дитрих – петте точки на обвинението“ (Marlene Dietrich – Pet tačaka optužnice), објави „Авалон“. Во претставата, која ќе се изведе во Филхармонијата, Карановиќ ја игра контроверзната германска актерка, пејачка и активистка.
„Можам да ја разберам нејзината дрскост, приватно и професионално, што правела нешто што не се очекува од актерка од нејзин ранг, а нејзиниот ранг беше светски. Најдов допирни точки со неа, потоа ми стана блиска и можев да се справам со ликот“, изјави Карановиќ.
Претставата во режија на Харис Пашовиќ ја имаше премиерата на фестивалот Мителфест во Италија.

Мирјана Карановиќ, која е и филмска режисерка и сценаристка, се смета за една од најдобрите српски и југословенски актерки на сите времиња. Меѓу другото, доби номинација за Европска филмска награда за најдобра женска улога за филмот „Грбавица“.

Режисерското деби на Карановиќ, „Добра жена“, ја имаше светската премиера на филмскиот фестивал Санденс во 2016 година.