Актерката Лили Колинс го одбележа 75. роденден на својот татко, музичарот Фил Колинс. Ѕвездата на „Емили во Париз“ објави сентиментална порака за музичарот од „Џенезис“, кој има неколку здравствени проблеми.
„Тато наполни 75 години и се чувствувам толку благодарна што славевме заедно. За сè што постигна, за целата радост што им ја донесе на толку многу луѓе низ целиот свет во текот на сите овие години, за сите лекции што ги научивме, за сите спомени што ги споделивме и за сите нови што доаѓаат, ти благодарам“, објави актерката.
Неколку дена пред неговиот роденден, Фил Колинс во подкаст на Би-Би-Си рече дека ангажирал стручна помош поради неговите тековни здравствени проблеми. Тој се борел со оштетување на нервите, проблеми со коленото и бубрезите и со дијабетес тип 2.
„Имам медицинска сестра која работи 24 часа за да се осигура дека ги земам лековите како што треба. Имав предизвици со коленото. Сè што можеше да тргне наопаку со мене, тргна. Се заразив со ковид во болница. Сè изгледаше како да се случува во исто време. Беа тешки и фрустрирачки последните неколку години. Но, сега е сè во ред“, рече Колинс.
Колинс се пензионираше од свирење тапани и од бендот „Џенезис“ во март 2022, откако настапи за последен пат во лондонската „O2 арена“. Тој ги наведе своите здравствени проблеми како причина за повлекување од музиката и рече дека „свирењето тапани оставило трага на неговите раце и нозе“.
(Фото: Инстаграм)