ИНДИЈКА КОЈА ОТВОРИ СТОТИЦИ ЦЕНТРИ ЗА УЧЕЊЕ ДОБИ МИЛИОН ДОЛАРИ КАКО НАЈДОБРА УЧИТЕЛКА НА СВЕТОТ

Дубаи, (АП)

Индиска наставничка и активистка која создаде стотици центри за учење и слика едукативни мурали на ѕидовите на сиромашни населби ја освои Глобалната награда за наставници од еден милион долари. Рубл Наги ја прими наградата на Самитот на светските влади во Дубаи.

Нејзината фондација за уметност „Рубл Наги“ има основано повеќе од 800 центри за учење низ Индија. Нивната цел е децата кои никогаш не оделе на училиште да имаат структурирано учење, а можат да ги посетуваат и децата кои веќе се во училиште.

Наги, исто така, слика мурали што учат на писменост, наука, математика и историја.

„Глобал тичер прајз“ се доделува од 2015 и е своевиден учителски Нобел. Наградата ја доделува Фондацијата „Варки“, чија основачка Сани Варки ја востановила непрофитната компанија за образование ГЕМС, која управува со десетици училишта во Египет, Катар и ОАЕ.

„Рубл Наги го претставува најдоброто од она што може да биде наставата – храброст, креативност, сочувство и непоколеблива верба во потенцијалот на секое дете. Со тоа што го донесе образованието во најмаргинализираните заедници, таа не само што ги промени животите на поединците, туку ги зајакна и семејствата и заедниците“, кажа Варки.

Наги кажа дека планира да ги искористи парите од наградата за изградба на институт што нуди бесплатна стручна обука.

(Фото: АП)