Хрватскиот преведувач Борислав Павловски ја доби меѓународната награда „Драги“ за најдобар превод на книжевно дело напишано на македонски јазик. Павловски е награден за преводот на хрватски јазик на романот „Бајазит и Оливера“ од Драги Михајловски, објавен годинава во издание на „ТИМ прес“ од Загреб.
„Преводот на ‘Бајазит и Оливера’ претставува пример за преведувачка работа во која верноста кон оригиналот и творечката слобода се наоѓа во внимателно воспоставена рамнотежа. Токму во тоа се состои и неговата најголема вредност: во способноста делото на Драги Михајловски да проговори со истите интензитет, книжевна сила и универзалност и пред новата читателска публика“, соопшти издавачката куќа „Антолог“.
Павловски, роден во Бјеловар во 1950, е македонист, филолог, театролог, преведувач, универзитетски професор и автор. На Филозофскиот факултет во Загреб дипломирал јужнословенски јазици и книжевности и филозофија, каде што подоцна магистрирал и докторирал.
Од 1975 до 1978 бил постојан дописник на „Нова Македонија“ од Хрватска. Од 1978 предавал на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет во Загреб.
Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951-2022), писател, преведувач, есеист и универзитетски професор.