Александар Степанулески ја доби наградата за највисоко актерско остварување на годинашното издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица. Тој е награден за улогата на Луков во претставата „Црнила“ од Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски и во изведба на Прилепскиот народен театар.
Одлуката ја донесе жири-комисијата во состав Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, Биљана Ѓуровиќ и Иван Додовски.
„Степанулески го гради Луков како фигура на привидна неприкосновена моќ, која постепено се распаѓа и ги открива стравот, зависноста и моралната разграденост на ликот. Со силно сценско присуство, прецизни промени на актерските регистри и уверлива игра на авторитетот и неговото нарушување, тој ја разоткрива сложената противречност на човекот што манипулира, заплашува и организира политичко убиство, а истовремено останува заробеник на системот на кој му служи“, стои во образложението на жирито.
Наградата се состои од златен медалјон со ликот на Ристо Шишков и паричен износ од 1.500 евра, а му ја врачи директорот на фестивалот, Ванчо Ристов. Степанулески рече дека не ја очекувал наградата.
„Ние уживавме на сцената кога ја игравме претставата. ‘Ристо Шишков’ за мене е еден од двата најголеми фестивали во земјава. Изненаден сум од наградата. Таа за мене е признание што секој актер го посакува“, кажа Степанулески.
На годинашното издание на ФКТ „Ристо Шишков“ беа одиграни 10 претстави, а за единствената актерска награда конкурираа околу 40 актери.
В. ТРАЈКОВ