Од вечерва (6 февруари), на репертоарот на Велешкиот театар е претставата „Не можеме да платиме, нема да платиме“ од Дарио Фо, во режија на Елеонора Теова, а во драмска обработка на Катерина Момева. Таа имаше затворена премиера на почетокот на декември, а ќе се игра на малата сцена.
„Драмата ‘Не можеме да платиме, нема да платиме‘ е една од најострите и најживи сатирични комедии на Дарио Фо, во која хуморот не служи како бегство од реалноста, туку како нејзино безмилосно огледало. Преку фарса, гротеска и апсурд, Фо отвора сериозни прашања за економската неправда, класната нееднаквост и лицемерието на институциите во современото општество“, соопштија од театарот .
Во центарот на драмата се обични луѓе, работници, жени, семејства, притиснати од енормното зголемување на цените и неможноста да преживеат со чесна работа.
„Комичното во драмата произлегува од постојана замена на идентитети, лаги што се наталожуваат една врз друга и апсурдни ситуации што ескалираат до крајни граници. Но, зад смеата постои горчлива вистина – законот не е неутрален, моралот е селективен, а редот секогаш се брани на грбот на најслабите. Фо намерно ги карикира претставниците на власта, полицијата и разумот, правејќи ги смешни, механички и слепи за човечката беда. Особено значајни се женските ликови, кои од пасивни сопруги се трансформираат во двигатели на дејството“, кажа режисерката Теова.
Bo претставата играат Фаик Мефаиловски, Кире Ацевски, Благојчо Стојановски, Талија Настова и Сандра Танчева. Сценографијата е на Филип Коруновски, а костимографка е Катерина Чукниева.
Сите три изведби овој месец се распродадени.
П. ПЕЧКОВ