„ВЕЧЕР НА РОМАНТИЧНИ БАЛАДИ“, КОНЦЕРТ НА КАМЕРНИОТ ОРКЕСТАР НА БИТОЛА ЗА ОТВОРАЊЕ НА СЕЗОНАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

НУ Камерен оркестар на Битола ја отвора годинашната концертна сезона со концертот „Вечер на романтични балади“, кој ќе се одржи на 24 февруари во Офицерскиот дом во Битола.

„Ќе диригира Владимир Димовски, а оркестарот ќе ѝ понуди на публиката внимателно одбрана програма посветена на романтичниот израз во музиката, со дела од Антонин Дворжак, Јозеф Сук и Петар Илич Чајковски. Влезот е слободен. Концертот е замислен како емотивно музичко доживување и достојно отворање на новата сезона. И покрај тоа што за оваа година Министерството за култура одобри само шест проекти, Камерниот оркестар на Битола, како и лани, ќе се стреми кон реализација на повеќе од 10 концертни и музички проекти. Во 2025 година оркестарот реализираше 12 проекти, како и повеќе од пет гостувања низ Македонија“, велат од Камерниот оркестар.

Веднаш по отворањето на сезоната, оркестарот ќе биде дел од концертот „Засекогаш во срцата“, кој по осми пат ќе се одржи во Битола.

„Овој концерт, посветен на делото и споменот на Тоше Проески, ќе се реализира благодарение на ентузијазмот и посветеноста на организаторите, откако за првпат Министерството за култура не одобри финансиска поддршка за него“, велат организаторите.