ЈАС МИСЛЕВ ДЕКА ФИЛМОТ Е УМЕТНОСТ НА УМИРАЊЕ, РЕЧЕ ОСКАРОВКАТА БИНОШ ЗА ИЗЈАВАТА НА ШАЛАМЕ ДЕКА ОПЕРАТА И БАЛЕТОТ ИЗУМИРААТ

Солун, (Смарт.СДК.МК)

Специјално од Солун за СМАРТ СДК.МК: Марина КОСТОВА

„Јас мислев дека филмот е уметност на умирање“, низ смеа рече француската оскаровка Жилиет Бинош во Солун, одговарајќи на прашањето што мисли за изјавата на холивудскиот актер Тимоти Шаламе дека операта и балетот се уметности на умирање.

Шаламе, кој е номиран за Оскар за „Марти Величествениот“ изјави: „Не сакам да работам во балет или во опера или работи за кои велат ‘одржувајте го ова во живот’, иако веќе на никого не му гајле за тоа. Сета почит кон сите луѓе од балетот и операта“. Изјавата наиде на широка осуда не само од оперскиот и балетскот свет туку од уметниците пошироко.

„Не е важно што зборува тој. Не е важно. Не давајте му  значење. Важно е она што ви го храни срцето и душата. Можете да гледате многу филмови кои се празни и на крајот сте како исушени. Она што е важно е она што ги храни вашата душа и живот“, рече актерката Бинош на мастеркласот посветен на нејзиното режисерско деби „Во-себеси во движење“, претставен на 28. Фестивал за документарци во Солун.

Филмот е длабок, искрен и детален приказ за макотрпниот процес на творење со кој во 2008 беше создадена истоимената кореодрама, што Бинош заедно со британскиот танчер и кореограф Акрам Кан заедно ја напишаша, режираа и играа во неа.

„Отсекогаш сум сонувала дека еден ден ќе режирам, поттикната од мојата потреба за растеж. Не бев свесна за многу аспекти од овој процес, и кога продуцентите конечно ми се обратија, поддржувајќи ја идејата, почувствував дека можеби така било судено. Многу пати само сакаш да останеш дома во пижами, но помислата да се изложиш пред светот и пред сè што се случува таму надвор те инспирира да твориш. Барем во мојот случај тоа не е свесен избор, едноставно се обидувам да слушам и да се движам во чекор со предизвиците што се појавуваат по патот. Споделувањето носи топлина, создава чувство на заедништво, прави да се чувствуваш малку помалку осамен и ти овозможува да искусиш повеќе љубов. Му дава смисла на животот, а од тоа нема ништо подобро“, рече таа на мастеркласот во преполната киносала во Солун.

Кажа дека филмот што го документира нејзиното креативно патување, произлегол од нејзината желба да се соочи со неизвесноста – процес што ја довел лице в лице со сопствените стравови и слабости.

„Никогаш не можеш целосно да се ослободиш од стравот. Но можеш да го прифатиш, а кога ќе го направиш тоа, тој те преобразува,“ вели Бинош.

Жилиет Бинош на мастеркласот посветен на нејзиното режисерско деби „Во-себеси во движење“, претставен на 28. Фестивал за документарци во Солун. (Фото: ТИФФ)

Рече дека работела со снимките што ги снимила сестра ѝ од подготовките на претставата.

„Јас никогаш не бев зад камерата, секогаш бев пред неа. Имав привилегија да бидам снимана од сестра ми, професионалец со големо искуство, а на крајот ги искористив снимките што ми ги даде за да го склопам филмот. Сепак, преку монтажата морав да се погрижам за автентичноста на сè што се случило. Имаше, на пример, еден случај кога мојот монтажер создаде многу убава сцена која, сепак, не ја одразуваше реалноста. Таа ми рече дека не е ни важно бидејќки секако е фикција. Но јас се побунив – па јас бев таму, знам што се случило и по кој редослед, оваа сцена нема врска со вистинскиот настан. Токму затоа инсистирав таа сцена да не биде вклучена во филмот,“ рече Бинош и додаде дека потрагата по вистината секогаш игра централна улога во нејзиниот уметнички израз.

„Вистината е клучот за секоја форма на креативност. Ме интересира преку уметноста да откријам дел од себе, без разлика дали тоа ќе допре до широка публика или не“, рече таа.

Бинош кажа дека таквиот процес е сложено емоционално патување: „Можев да направам различен филм за секоја емоција што ја почувствував во текот на претставата. Еден за секоја шега, еден за секој конфликт и така натаму. Се обидував да се ставам на местото на публиката, и на почетокот тоа беше прилично тешко бидејќи навистина мораш да се бориш за да ја придобиеш. Имаше многу конфузија, но во исто време во главата ми одекнуваа зборовите на Сузан Батсон: ‘Почни од емоцијата, но не ја форсирај’. Поврзувањето со нашите емоции е во срцето на секое уметничко создавање“.

На прашањето што научила од соработите со истакнати режисери во текот на кариерата, рече дека најважната лекција е да се зачувува автентичноста.

„Да бидеш свој и да им веруваш на сопствените инстинкти. Нема причина да се преправаш. Тоа е истовремено важно и тешко, бидејќи влијанијата што ги имаме се разновидни. Преку искуствата што ги собираме низ годините, важно е да можеме да разликуваме што функционира за нас, а што не, и во таа смисла да одлучиме дали ќе го вклучиме во нашата работа или не. Мора да ја зачуваме нашата индивидуалност,“ рече Бинош и додаде дека за неа уметноста е пат кон самоспознавање.

„Како актер, секој ден си повикан да бидеш искрен, не само со себе, туку и со човештвото во целина. Се соочуваш со сопствените демони, погледнуваш во длабочините на својата темнина, на својата потсвест. Преку книгите открив дека овие аспекти од нас во голема мера се поврзуваат со она што го нарекуваме женственост. Тоа е процес што те прави да израснеш во подобра личност, почиста. Затоа го сакам актерството — затоа што ми помага да разберам која сум и зошто сум овде. Таквите сознанија ти помагаат да го пуштиш стравот и постепено да го откриеш својот пат“, рече француската оскаровка и актуелна претседателка на Европската академијa за филм (ЕФА).