ГО РАЗОЧАРАВ ВЛАДО ЈАНЕВСКИ КОГА ПОЧНАВ ОД НУЛА НА 28 ГОДИНИ И СТУДИРАВ ЏЕЗ ВО ХАГ, ВЕЛИ ХРВАТСКАТА ПЕЈАЧКА ВЕСНА ПИСАРОВИЌ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

По популарноста во поп-музиката во Хрватска и во регионот, пејачката Весна Писаровиќ вели дека тргнала од нула кога решила да студира џез-музика во Холандија и да магистрира во Лондон. Писаровиќ ќе одржи концерт во Скопје на 28 март во Филхармонијата, во организација на продукцијата „Евентум“. Гостин ќе биде Владо Јаневски, за кого таа вели дека ѝ еден од ретките пријатели од музиката. Својата интересна приказна од Загреб до Хаг, Лондон и Берлин, Писаровиќ ни ја раскажа додека беше во Скопје.

„Извесно време бев незадоволна со гласот кој не ме слушаше. Слушав повеќе отколку што гласот можеше да произведе. А тоа е резултат на тоа што 10 или 15 години пеев по ноќни клубови до 5 наутро. Гласот ми беше изморен. Техника имав само толку колку да се одржам, да можам да пеам, но не можев да го пеам она што го слушам во главата. И едноставно се чувствував ограничено со она што го знам. Па барав начини како и каде да научам повеќе, а всушност не знаев од каде да почнам, бидејќи веќе имав статус на ѕвезда тогаш на Балканот и бев влезена во игра. Меѓутоа, тогаш случајно, по сопствениот концерт во Берлин, каде што пеев за хрватската емиграција, отидов да слушнам џез концерт на Петер Броцман, еден германски авангарден саксофонист. И јас апсолутно доживеав метаморфоза и си реков: ‘Јас одам да студирам џез’. Тогаш тајно се подготвував за аудиција. Една година земав приватни часови по клавир, пеење, хармонија во Загреб и потоа отидов на аудиција во Хаг. Тоа е добар конзерваториум, се вика ‘Кон Лик’, конзерваториум за џез, кој има доста силен оддел за би-боп кој мене ме интересираше. И мислев дека тоа ќе трае можеби година, две, три, но јас сè повеќе и повеќе сакав и сè повеќе ја засакав таа форма и таа слобода што ја нуди џезот. И така, тоа трае. Живеев три години во Хаг како вистински студент, од нула“, ни раскажа Писаровиќ.

Нејзината музичка приказна продолжува во Лондон, каде што се запишала на магистерски студии по џез пеење и таму останала една година. Потоа, решила да се пресели во Берлин и како што вели, повторно почнала од нула.

„Оттогаш снимив седум џез албуми, воопшто не пеев поп, воопшто ме немаше во медиумите. Мислев дека тоа е некој дел од мене кој е завршен. Но, тогаш се случи пандемијата и случајно дојдов со еден мал куфер од Берлин во Загреб да пеам на еден концерт. И тогаш се испостави дека моите стари песни кои ги снимив во 2000-тите се многу популарни меѓу студентите. И почнаа првите концерти, сите беа распродадени. Некогаш имав по три-четири дена во клубови по ред, потоа и сали, па најпосле и стадиони, така што оваа година имав концерт во Арената во Загреб. И тоа е накратко таа приказна“, ни рече хрватската пејачка.

Кога решила да го смени музичкиот правец имала 28 години, и вели дека тоа се вистински години да се почне од почеток.

На 28 март, Весна Писаровиќ за првпат ќе пее во Филхармонијата (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

​„Некако ми се чини дека на 28 си сè уште доволно луд за да се осмелиш на сè. Имаш луда енергија, како таа на дваесетгодишник. Иако во Лондон студирав со четириесетгодишници кои беа еднакво ентузијастични и упорни и навистина постигнаа многу. Јас мислам дека денес овој цел систем нè сместува во некои категории на кои им се прилагодуваме, а во принцип мислам дека човечката креативност и човечката сила се многу поголеми од калапите во кои системот нè става“, вели Писаровиќ и се навраќа на убавиот живот кој го имала во Хаг и во Берлин. За себеси, таа вели дека е „стара душа“, не верува многу во вештачката интелегенција, а песните ги пишува преку ден, кога ќе реши да се исклучи од интренет, со молив и на нотна тетратка.

​„Прекрасно ми беше. Во Хаг ми беше особено убаво, бидејќи по животот на една ѕвезда, имав вистински студенстки живот. Цел ден во училиште, цел ден вежбав, цел ден со велосипед низ Хаг. Имав нови пријатели од целиот свет. Главно, тоа за мене беше како некој сон, преубаво ми беше. Напорно и тешко, бидејќи имав едно искуство на сцена, за разлика од сите таму кои студираа, но од друга страна моето знаење беше еднакво како нивното. И во Лондон беше преубаво, една година бев во ‘Гилдхол’, тоа е една многу важна школа во Лондон. Таму бевме седуммина, еден бенд, јас бев таму единствената пејачка. Многу убаво и многу тешко. Тоа траеше цел ден, од 11 предпладне до 11 навечер, да се враќам дома со метро и да плачам зошто не можам повеќе, бидејќи навистина бев и физички исцрпена, бидејќи беше интензивно. Но, пак, од друга страна, сега кога гледам, тоа се можеби едни од најубавите години во кои многу научив. И мислам дека за секој уметник е важна таа понизност, бидејќи кога си ‘голем’, не можеш ништо да научиш. И во Германија почнав од нула. Прво барав свој бенд. Собрав еден австралиско-германско-англиски бенд и го снимив првиот албум. Долго ми требаше да ја најдам првата издавачка куќа, а потоа таа куќа стана моја куќа за сите наредни албуми. Но, исто така, тоа беше почеток и се сеќавам на мојот прв концерт во Берлин, тоа беше во еден бар кој собира 20 луѓе. Отидов на тој настап и се чувствував како да одам на Евровизија, како да сум Наполеон. Така што, постојано нешто е од почеток како овој концерт во Скопје“, вели Писаровиќ и додава дека старите песни ќе ги пее во нови аранжмани, а тоа го научила од Јосипа Лисац.

Со Владо Јаневски на „Златна Бубамара на популарноста“ (Фото: К.Попов)

Со Владо Јаневски, таа го сними дуетот „Љубовта е моја религија“ пред 18 години, и на шега вели дека потоа го разочарала.

„За мојот пријател Владо Јаневски ќе речам дека е единствен. Секогаш ме прашуваат со кого се дружам на естрадата. Морам да признаам дека не се дружам со никого, бидејќи никого не среќавам. Само во вакви прилики кога има настани. Но, настани како ‘Златна Бубамара’ веќе нема толку често. Не постојат во Хрватска, можеби наградата ‘Порин’, но и тоа е веќе поретко. Тој е единствениот кој секогаш ќе ми се јави кога и да е во Загреб и нема шанса да не испиеме барем едно кафе. Но, јас го разочарав. Во моментот кога бев најпопуларна, не продолжив, туку заминав да студирам џез, се шегуваме за ова постојано“, вели Весна Писаровиќ.

На 28 март, таа ќе го одржи првиот концерт во Скопје со поп-песни. Вели дека џезот во овој случај ѝ помага кога ќе се случи грешка на сцената. Во слободно време, таа ужива во природа и вози велосипедски тури и до 70 километри.

М. ЏАРОВСКА