Лео Меси стана само вториот фудбалер во историјата кој постигнал 900 голови во професионалната кариера откако беше стрелец на натпреварот на Интер Мајами против Нешвил во Купот на шампионите на КОНКАКАФ. Тоа беше неговиот 81. гол во 92 настапи за Интер откако дојде во јуни 2023.
Меси исто така постигна мноштво голови за Барселона, Пари Сен-Жермен и Аргентина за време на блескавата кариера, во која ја освои Златната топка осумпати и стана светски шампион во 2022.
Откако во мај 2005 стана најмладиот стрелец во историјата на Барселона на возраст од 17 години, десет месеци и седум дена, сега 38-годишниот Меси не престана да тресе мрежи. За 17 години во Барселона даде 672 гола на 778 натпревари, а потоа за две сезони во ПСЖ оствари скор од 32 гола на 75 средби.
На репрезентативен план, Меси запиша 196 настапи за Аргентина и постигна 115 гола, што ќе може да го подобри на претстојното Светско првенство во САД, Канада и Мексико.
Најмногу голови има дадено против Севилја – 25, најефикасна година му беше 2012 (91 гол), а од 900-те голови, 755 му се со лева нога.
Кристијано Роналдо стигна до бројката на 900 погодоци во септември 2024 и сега е на 959. Пеле тврдеше дека постигнал повеќе од 1.000 голови во кариерата, но официјално му се признати 778.
(Фото: Гети)