Црногорскиот актер Милутин Мима Караџиќ ќе гостува во Скопје на 27 март во киното „Синеплекс“, на премиерата на неговиот нов филм „Спортско срце“ од 19 часот.
Караџиќ е режисер на филмот и ја игра главната улога. Сценариото е на Ѓорѓе Милосављевиќ, а во другите улоги се Нина Нешковиќ, Нела Михаиловиќ, Никола Шурбановиќ, Александар Ѓурица, Наташа Нинковиќ.
„Спортско срце“ е комедија со елементи на драма која се занимава со судирот на генерациите, културните вредности и личните трансформации во едно семејство. Почнува на денот кога се играат фудбалскиот натпревар Хрватска-Франција на Светското првенство 2018 и финалето на Вимблдон помеѓу Кевин Андерсон и Новак Ѓоковиќ. Маја, млада жена која се враќа во Белград по живеење во странство, треба да го запознае својот свршеник со татко ѝ, сопственик на локална гостилница.
Караџиќ беше во Скопје во март 2024 за премиерата на филмот „Јорговани“, заедно со младата српска актерка Јана Бјелица и режисерот Синиша Цветиќ. Во август 2024 беше во Охрид како дел од актерската екипа на претставата „Лет над кукавичјото гнездо“ на Београдско народно позориште, која се изведе во рамките на Охридско лето. Во 2022, истата екипа двапати ја одигра претставата во Македонскиот народен театар.