ТЕАТАР КОМЕДИЈА ГО СЛАВИ 14. РОДЕНДЕН СО ПРЕМИЕРА НА „КОЈ СУМ ЈАС“ ВО РЕЖИЈА НА ПОПЛАВСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Претставата „Кој сум јас?“ на Митко Чешларов, во режија на Наташа Поплавска, премиерно ќе се изведе утре (27 март) од 20 часот во Театар Комедија. Со оваа претстава, Комедија ќе ги одбележи Светскиот ден на театарот и својот 14. роденден. „Кој сум јас?“ е 55. премиера на Театар Комедија, а првата беше во 2012 година.

Во претставата играат Благој Веселинов, Жаклина Стевковска, Жаклина Петровска, Ева Скендеровска, Матеа Јанковска, Едмонд Сотир, Илија Илиоски, Ана Грамосли и Мина Јелушиќ.

Сценографијата е на Војдан Запров, костимографијата на Сара Милевска. За сценските движења е задолжена Ирена Лозинска. Видеодизајнер и фотограф е Емил Петров, а светло дизајнер Милчо Александров. Изборот на музика е на Александар Јорданов.

„Ништо не е така како што изгледа. ‘Кој сум јас?’ е брза и разиграна фарсична комедија за луѓе кои играат улоги во сопствениот живот. Луѓе кои кажуваат едно, мислат друго и прават трето. Луѓе кои позајмуваат идентитети како што позајмуваат пари. Луѓе кои зборуваат за вредности, а тргуваат со нешто друго. Во оваа приказна, работите постепено се комплицираат. Малите лаги бараат нови, поголеми лаги. Ситуациите излегуваат од контрола“, пишува Оливија Трајковска, асистентка на режија и асистент драматург.