Сликата „Океан од тишина“ е поставена во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје како подарок од уметникот Перо Кованцалиев. Станува збор за релјеф составен од ушни школки, изработен од полиестер, со димензии два на еден метар.
„Со ова дело, авторот ги мапира акустичната пасивност и колективната инертност во контекст на современиот корпоративен милитаризам. Ушната школка овде повеќе не функционира како сетилен приемник на вистината, туку како статичен модул во структурата на општествената апатија“, велат од МКЦ.
Кованцалиев е уметник кој работи експериментален цртеж, сликарство, фотографија, видео, ликовна инсталација, скулптура и кинетика. Досега има реализирано повеќе самостојни и групни проекти во земјата и во странство.